
Со осветување на водите и фрлање на светиот крст во реки, езера, во морето од пристаништата, но и во општински базени, па дури и во фонтани, во Грција денеска се празнува Богојавление – Водици, во земјата познат како Епифанија, Теофанија или Фота, јави дописничката на МИА од Атина.
Манифестации за осветување на водите, како и секоја година се организираат во сите делови на Грција, со присуство на голем број верници, а исто како и кај нас, оној кој ќе го фати крстот, се верува дека ќе го следи среќа и ќе биде благословен цела година.
Централната манифестација во Атина се одржа на пристаништето во Пиреас во присуство на грчкиот претседател Константинос Тасулас, а крстот во морето го фрли поглаварот на Грчката православна црква, архиепископот Јеронимос.
Во центарот на Атина, обичај е да се освети и резервоарот за вода, а како и секоја година, така и денеска осветувањето беше во присуство на атинскиот градоначалник и министри од Владата.
Во Солун пак, манифестацијата беше во солунскиот залив, со учество на над 50 лица, кои по крстот се фрлија од чамец закотвен во морето, додека митрополитот Филотеос, свртиот крст го фрли од пристаништето.
Освен традиционалното фрлање на светиот крст, во одредени делови на Грција постојат специфични и уникатни обичаи што се пренесуваат од генерација на генерација и ја одржуваат жива локалната традиција.
Во селото Арависо, во близина на Јаница во северна Грција, Водици се одбележува со необичниот обичај на поминување со коњи низ студените изворски води од планината Паико, во ритуал на прочистување и осветување, додека за градот Драма карактеристичен е обичајот „Арапи“, при што учесниците носат црни наметки, кожи, маски и овчарски ѕвона, создавајќи звуци додека дефилираат по улиците, во ритуал што го симболизира протерувањето на злото.
Сличен симболизам има и обичајот во Костур (Касторија), каде што празникот се одбележува со карневалска атмосфера.
Во селото Галатиста на Халкидики, се оживува обичај со корени од 19 век, кој ја прикажува досетливоста на вљубено момче, кој својата сакана ја „киднапира“ со помош на камила, а во рамките на обновувањето на обичајот, камилата се носи низ селото, додека мажите играат и пеат околу неа.
На грчките острови Сими и Калимнос, верниците кои се фрлаат по крстот остануваат под вода колку е можно повеќе, а рибарите со нивните чамци формираат заштитен круг околу нив.
На Лефкада, заедно со крстот во морето се фрлаат и врзани портокали, кои подоцна се чуваат како симбол на благослов, а сличен е обичајот и на Закинтос.
Во областа Тесалија во централна Грција, освен крстот, жителите фрлаат во водите и икони, кои се осветуваат за време на чинот на осветување на водите.
Празничниот период во Грција што започнува непосредно пред Божиќ и продолжува со Нова година, завршува денеска, на Водици.

