Skip to main content
Балкан

Во Грција пристигна и последниот Рафал со што се комплетираше нарачката од 24 француски воени авиони

10/01/2025  11:10

Во базата на грчкото воено воздухопловство во близина на Атина вчера пристигнал уште еден воен авион Рафал, со што се комплетираше набавката од 24 француски „ловци“, што Грција ги нарача во изминатите години, јави дописничката на МИА од Атина.

Во септември 2020 година грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис соопшти дека земјата ќе набави 18 воени авиони Рафал,една година подоцна, тогашните министри за одбрана на Грција и Франција го потпишаа соодветниот договор, а беше оставена отворена можноста за набавка на дополнителни шест, за што беше потпишан уште еден договор во 2022 година.

Воените авиони постепено пристигнуваа во земјата, а за првите шест Рафал во јануари 2022 година се одржа и свечена манифестација во присуство на Мицотакис, кој тогаш порача дека „новите Рафал се подготвени да полетаат за подобро, помирно утре за целиот регион“.

Грција сега веќе поседува 24 нови модерни воени авиони, а дел од нив, според грчката новинска агенција АНА-МПА, учествуваат во воени вежби како во земјата така и на ниво на НАТО.