Skip to main content
Балкан

Во Грција имало и „Локумадес мафија“ водачот заврши во затвор

01/07/2025  17:10

Слаткото задоволство на грчките плажи, познатиот специјалитет Локумадес, имал и своја мрачна страна, а зад диструбицијата стоела целосна мафијашка структура.

42-годишен деновиве беше осуден на вкупно 16 години затвор од Апелациониот кривичен суд во Солун, под обвинение дека е водач на криминална група, која вршела изнуда за контрола на продажбата на крофни на прометните плажи на Ситонија, на вториот крак на Халкидики.

Тој бил прогласен за виновен поради повеќе кривични дела, меѓу кои изнуда, закани, нанесување телесни повреди и употреба на огнено оружје. Сите овие дела биле насочени кон лица кои се обиделе да продаваат крофни, популарните грчки „локумадес“, на преполните плажи во Ситонија во текот на летото 2021 година.

Во истиот предмет, тој бил ослободен од две кривични дела што беа против него, особено обид за убиство против ситен трговец и трговија со луѓе, поврзани со условите за работа на странските ситни трговци.

Во истрагата било утврдено дека криминалната група, која броела 12 члена, спроведувала вистинска кампања на заплашување и насилство за да воспостави монопол врз продажбата на крофни на плажите. За да се осигураат дека нема конкуренција, тие најмалку седум пати употребиле насилство и закани по живот, а некои од нападите вклучувале и употреба на огнено оружје. Метите не биле само независните продавачи, туку и сопствениците на угостителски објекти кои соработувале со нив или дозволувале други да продаваат.

Оваа мрежа не само што заплашувала локални продавачи, туку и присилувала странски државјани да работат за нив под нечовечки услови. Тие биле приморувани да продаваат 500 до 600 крофни дневно, по цена од 2 евра. Сепак, од тие пари добивале само по 50 центи по крофна, додека остатокот го земала криминалната група, остварувајќи профит од 500 до 600 евра дневно. Станува збор за добро организиран систем кој комбинирал економски притисок, заплашување и брутална сила.

Полицијата на Грција тогаш успеала да ја разбие групата, а неколку од членовите веќе добиле парични казни, додека некои биле ослободени. Но судот бил особено строг со водачот, кој според обвинението бил организатор и главен извршител на насилствата и заканите. Ваквиот епилог ја испрати пораката дека на плажите на Халкидики нема место за организиран криминал, дури и кога станува збор за крофни.