Skip to main content
Свет

Во Германија уапсен 35-годишен Сириец: осомничен дека избол пет лица

20/05/2025  11:31

Маж осомничен дека избодел пет лица во Билефелд, во западна Германија, е приведен во близина на Диселдорф, соопшти полицијата синоќа. Осомничениот, 35-годишен сириски државјанин, беше приведен вчера во Хајлигенхаус откако специјалните сили извршија рации на две локации, соопшти полицијата.

Властите изјавија за германската новинска агенција ДПА дека се „скоро сигурни“ дека приведениот маж е главниот осомничен во случајот, но дека процесот на идентификација е сè уште во тек. Нападот се случил рано во неделата пред кафуле во близина на железничката станица Билефелд, кога маж нападнал пет мажи на возраст меѓу 22 и 27 години со остар предмет.

Четири лица се тешко повредени, а двајца првично беа во критична состојба, но нивната состојба оттогаш се стабилизира, изјави вчера портпаролката на полицијата. Групата наводно успеала да се спротивстави и да го повреди напаѓачот пред тој да избега.

При претресот на местото на злосторството, полицијата пронашла неколку ножеви, торба со документи за идентификација и шише со течност што мирисала на бензин.

Полицијата не потврди дали во нападот е употребен нож. Обвинителите во Билефелд изјавија дека истрагата е во тек, ги вклучува „сите можни насоки“ и дека денес би можеле да дадат дополнителни детали. Полицијата соопшти дека осомничениот нема полициско досие.