
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку својот Фејсбук профил јавно предупреди за повторна активност на, како што ја нарече, „урбаната мафија“ во општина Гази Баба. Таа потсети дека изминативе четири години не дозволила да помине Деталниот урбанистички план (ДУП), со кој било предвидено градење на бетонско чудовиште од дури 100.000 метри квадратни, без ниту еден процент зеленило.
„Барајте од кандидатите за градоначалници веднаш да дадат изјава заверена на нотар дека нема да го изгласаат овој штетен проект“, повика Арсовска.
Таа предупреди и за сличен случај што веќе се случил во Ѓорче Петров, каде, според неа, за време на викенд и без внимание од јавноста, бил изгласан спорен урбанистички план кој предвидува изградба на три хемиски фабрики и дури 31 висококатница.
Апелот на Арсовска доаѓа во време кога политичките партии ги истакнуваат своите кандидати за локалните избори, а урбанизмот и заштитата на јавниот интерес стануваат клучни теми во трката за довербата на граѓаните.