
Вкупно 11.250 домаќинства во окрузите Алба, Марамуреш, Салаж, Прахова и Клуж останаа без електрична енергија поради влошената метеоролошка состојба во Романија, соопшти министерот за енергетика Богдан Иван.
– На терен се мобилизирани 341 екипа со 911 специјалисти кои извршиле над 5.000 интервенции. Се користи тешка механизација, кранови, дронови, па дури и моторни санки, бидејќи многу од дефектите се во тешко достапни предели каде патиштата се сè уште блокирани, изјави Иван на прес-конференција.
Тој вети дека снабдувањето ќе биде нормализирано до крајот на неделата, но предупреди на нови прекини бидејќи од недела се очекува екстремно заладување со температури под нулата. Министерот увери дека земјата има доволно гас за претстојниот период.
– Од следната недела температурите ќе се спуштат до -15 степени, што ќе ја зголеми потрошувачката на гас за 20 проценти. Нашите складишта се полни со 70 отсто од капацитетот, што е значително над европскиот просек, прецизираше тој.
Лошото време предизвика и сериозни доцнења во железничкиот сообраќај од четири до пет часа, особено во реоните на Крајова и Темишвар. Снежниот бран не го одмина ниту Букурешт, каде првиот снег за годинава го отежна сообраќајот на првиот училишен ден во 2026 година.
