Skip to main content
Свет

Во Амстердам затворен голем пазар за украдени податоци

05/03/2026  14:57

Полицијата затвори еден од најголемите светски пазари за украдени податоци како дел од меѓународна операција, соопшти денеска Европол.

Платформата, позната како LeakBase, имала околу 142.000 регистрирани корисници ширум светот, се наведува во соопштението на европската полициска агенција. Серверите на овој пазар биле лоцирани во Амстердам и се запленети.

Истражители во 14 земји спроведоа координирани акции во вторникот, при што беа извршени околу 100 операции, главно насочени кон 37 клучни корисници на платформата, соопшти Европол.

Европол, со седиште во Хаг, го опиша LeakBase како „централен јазол во екосистемот на кибер-криминалот“, велејќи дека платформата била специјализирана за трговија со украдени податоци и била отворено достапна на интернет.

Експертите за кибер-криминал предупредуваат дека украдените податоци често се препродаваат и се користат во различни видови измами. Сè уште не е јасно колку луѓе би можеле да бидат погодени.

Според полицијата во Амстердам, истрагата почнала во Холандија во 2023 година и брзо се проширила на меѓународно ниво. Во истрагата биле вклучени и истражители од Германија, пренесе ДПА.