Skip to main content
Македонија

Внатрешна контрола на МВР испитува полицијци кои постапувале во десет пријави за насилство кај Јовановски

08/03/2026  21:17

МВР спроведе внатрешна контрола кај полицајци кои постапувале во десет пријави за насилство кај Јовановски.

Според неофицијални информации објавени од ТВ 24, меѓу пријавите имало случаи за семејно насилство, кавги и викање, закани и нарушување на јавниот ред и мир. Дел од пријавите биле поднесени од сега починатата Ивана Јовановска, дел од соседите, а имало и пријави поднесени од други членови на семејството.

Материјалите по кои постапува внатрешната контрола на МВР веќе се обезбедени, а од утре се очекува да започнат и разговори со полициските службеници кои постапувале по секоја од пријавите поврзани со семејството Јовановски, изјавил извор од истрагата за ТВ 24.

Од Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое е надлежно за евентуална кривична одговорност на полициските службеници, потврдуваат дека се издадени конкретни насоки за спроведување проверки и прибирање на сите релевантни информации и докази. Како еден од клучните документи го очекуваат извештајот од внатрешната контрола на МВР.

„По доставување на известувањето од Секторот за внатрешна контрола, обвинителството ќе изврши сеопфатна оценка на сите прибрани сознанија и без одлагање ќе донесе соодветна јавнообвинителска одлука за понатамошно постапување“, соопштија од обвинителството.

Во меѓувреме, истражните дејствија продолжуваат. Осомничениот Стојанче Јовановски, кој според наводите со години ја малтретирал својата сопруга, а на денот на трагедијата двапати физички ја нападнал – за што постои и видео-снимка – доби дополнителни осум дена притвор. Полицијата интервенирала и на денот на настанот, но според министерот Панче Тошковски, тогаш не биле констатирани видливи телесни повреди кај жртвата.