
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со пратеници од коалицијата ВРЕДИ и ЗНАМ, ја поднесовме “РЕЗОЛУЦИЈАТА ЗА ОСУДА НА МАНИПУЛАЦИИТЕ НА ОПОЗИЦИЈАТА И ЗА ПОТВРДА НА ПОЛИТИКИТЕ ПРОТИВ НЕЛЕГАЛНАТА МИГРАЦИЈА”.
По ширењето на лажни вести, невистини и манипулации од страна на СДС, ВМРО-ДПМНЕ како државотворна партија подготви Резолуција со која еднаш засекогаш ставаме точка на измислената тема на мигранти од страна на СДС.
Дозволете ми, да ви ги претставам 9-те точки од кои се состои резолуцијата.
1.СЕ ОСУДУВА лажната кампања и манипулативното дејствување на опозициските политички партии, со кои во јавноста се пласираат невистини и инсинуации за наводно постоење договори, политики или активности поврзани со прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови.
2. СЕ УТВРДУВА дека ниту било побарано, ниту е договорено, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови, прифатни центри или трајни форми на сместување мигранти на територијата на општините во државата и дека такви активности не се и нема да бидат дел од владините политики.
3. СЕ КОНСТАТИРА дека ваквите дезинформации се шират свесно и континуирано, и покрај јасните и недвосмислени ставови на надлежните институции, со цел создавање паника, нарушување на јавната стабилност и остварување краткорочни политички интереси на сметка на безбедноста и спокојот на граѓаните, што е спротивно со правилата на поредокот меѓу кои Кривичниот законик, Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, како и Законот за спречување и заштита од дискриминација.
4. СЕ ОТФРЛААТ и СЕ ПОНИШТУВААТ сите аранжмани, одлуки и политики на поранешната Влада на Зоран Заев поврзани со создавање кампови за прием и нега на мигранти, кои беа спротивни на националните и државните интереси и ја изложуваа државата на безбедносни и општествени ризици.
5. СЕ ПОТЕНЦИРА дека меѓуетничките односи, стабилноста, толеранцијата и меѓусебното почитување се суштинска вредност на општеството и дека секое неодговорно политичко дејствување кое што може да ги наруши овие односи претставува сериозна закана за општествената кохезија.
6. СЕ ПОТВРДУВА определбата за принципиелна, одговорна и предвидлива надворешна политика, заснована на заштита на националните интереси и почитување на меѓународното право, при што ниту еден надворешен процес не смее да биде на штета на безбедноста и стабилноста на државата.
7. СЕ ПОВИКУВААТ сите политички субјекти и јавните чинители на одговорност во јавниот говор, почитување на фактите и воздржување од ширење лаги и манипулации кои можат да предизвикаат општествени тензии и да го нарушат јавниот ред и мир.
8. СЕ УТВРДУВА дека со оваа резолуција се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови и се воспоставува јасна, недвосмислена и непроменлива државна политика против нелегалната миграција.
9. ОВАА РЕЗОЛУЦИЈА стапува во сила со денот на нејзиното донесување и ќе биде објавена во Службен весник.
И уште еднаш сакаме да потенцираме дека со оваа Резолуција потврдуваме дека Владата и Собранието никогаш нема да дозволат да се преговара за мигранти.
Граѓаните да бидат спокојни, ВМРО-ДПМНЕ се грижи за безбедноста на народот.
