Skip to main content
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ со насока против протести: Има ли сила општеството или повторно ќе наведне глава?

23/03/2025  10:29

Додека јавноста сè уште се опоравува од шокот по трагедијата во Кочани, ВМРО-ДПМНЕ јасно ги покажува контурите на својата политичка стратегија – замолчување на критичката мисла, дискредитација на протестот и обид за амнестирање на „своите“ пред да заврши правната постапка.

Пораките од владејачката партија се сè поотворено насочени кон сузбивање на граѓанскиот отпор. Наместо поддршка на институционална правда и охрабрување на јавната будност, протестите се нарекуваат „политички инструирани“, а активистите – „платеници“. Од партија која некогаш го користеше протестот како своја најсилна алатка, денес гледаме отпор кон секој обид за јавно искажување револт.

Но дали, во светло на настаните во Кочани, не е токму протестот последното демократско оружје што остана?

Кочани – симбол на колапсот на системот

Пожарот што избувна на 16 март во нелегално работената дискотека „Пулс“ во Кочани ја разоткри целата шема на институционални пропусти, неажурност и можни коруптивни влијанија. Во трагедијата загинаа 59 лица, главно млади, а над 200 беа повредени. Според Обвинителството, клубот работел без важечка лиценца, немал систем за противпожарна заштита и бил „потенцијална смртоносна замка“.

Истражните органи отворија постапка против 27 лица – меѓу кои се наоѓаат сопственици на дискотеката, поранешни и актуелни функционери, инспектори, градоначалници и поранешен министер. Дел од нив веќе се во притвор.

Меѓу нив се и кадри на ДУИ, но и функционери блиски до ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов. Иако премиерот Мицкоски веднаш по несреќата изјави дека „Папазов нема никаква одговорност“, истиот е денес меѓу осомничените.

Овој случај ја разгоре јавноста, не само поради трагедијата, туку и поради односот на институциите и политичките актери. Наместо обединување околу правда, видовме меѓусебни обвинувања за политички прогон и обиди за селективна правда.

ДУИ реагираше остро, тврдејќи дека истрагата е „селективна и политички мотивирана“. Но слични индиции стигнуваат и од другата страна, кога ВМРО-ДПМНЕ негира одговорност кај свои функционери уште пред завршување на истрагата.

Протестот како одговор на молкот

Во ваква атмосфера на недоверба, протестот не е политичка алатка – тој е јавен крик. Граѓаните во Кочани веќе излегоа на улиците, скандирајќи „Убијци!“ и барајќи одговорност. Родителите и блиските на жртвите не прифаќаат изговори, не прифаќаат тишина, и најмалку прифаќаат – селективна правда.

Иако ВМРО-ДПМНЕ сега се обидува да ги намали тензиите, вистината е дека институционалната тишина и партиската заштита на „своите“ се директен повик за протест. И ќе ги има.

Секое амнестирање на функционери, секоја политичка оцена дадена пред завршена истрага, секој обид за гушење на гласот на народот – тоа не е стабилност. Тоа е прикривање.

Ќе се исправиме ли овој пат?

Кочани е повик за будење. Повик за одговорност. Ако и по 59 изгубени животи повторно молчиме, тогаш сме го изгубиле и она малку достоинство што ни остана.

Ова не е време за наведната глава. Ова е време за исправен грб, гласен протест и јасна порака: правда не се моли – се бара.