Skip to main content
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ грубо ја злоупотребува трагедијата во Кочани за политички поени

14/06/2025  11:53

ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираше на обвинувањата од страна на СДСМ во врска со истрагата за трагичниот пожар во Кочани, при што загинаа деца, обвинувајќи ја партијата дека прави „груба злоупотреба“ на трагедијата со цел собирање политички поени.

„СДС прави груба злоупотреба на трагедијата во Кочани со цел да добие политички поен плус. Обвинувањата на СДС дека институциите постапуваат под притисок на опозицијата се безочна лага,“ велат од ВМРО-ДПМНЕ во писмената реакција.

Од партијата нагласуваат дека институциите сега постапуваат професионално и неселективно, и дека во истрагата се опфатени над 60 лица, меѓу кои актуелни и поранешни функционери, градоначалници, бизнисмени, вработени во институции и членови на Министерството за внатрешни работи, а дел од нив се веќе во притвор.

„МВР и институциите на системот ги доставија сите потребни докази и информации до Јавното обвинителство уште пред еден месец. Обемната документација, со над 60 опфатени лица, е доказ за темелна и сеопфатна постапка“, стои во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека постапувањето на институциите денес е спротивно на тоа што, според нив, се случувало во минатото за време на владеењето на СДСМ и Оливер Спасовски.

„Сега има одговорност за секој, без разлика кој е и од каде е. За разлика од МВР под Спасовски, каде што никој не одговараше за модуларната болница, Беса Транс или Ласкарци – случаи каде што имаше голем број жртви“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.