Skip to main content
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи интерпелацијата за јавниот обвинител Коцевски

29/07/2025  12:02

Без оглед на суштинските и сериозни разлики што постојат меѓу ВМРО-ДПМНЕ и политичката партија Левица – особено во однос на нивниот политички курс и соработката со СДС – нашата заложба за бескомпромисна борба против корупцијата и организираниот криминал останува цврста, доследна и недвосмислена, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на седницата за интрпелацијата на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, поднесена од Левица.

Таа борба, додаде тој, не смее да зависи од политичките калкулации или од моменталните партнери во опозицијата или власта.

„Таа борба треба да биде водена од принципи и убедувања – дека државата мора конечно да добие функционален, независен и храбар обвинителски систем, кој нема да молчи пред очигледен криминал, кој нема да трепери пред политички притисок, и кој нема да се претвори во соучесник на тие што ја поткопаа државата. Институциите, во соработка со обвинителството со години молчеа пред огромните скандали, голем дел предизвикани од врвот на СДС и ДУИ, што ѝ се добро познати на јавноста. Тие случаи не се и не смеат да бидат заборавени – туку тие се и денес отворена рана на ова општество. А јавното обвинителство остана рамнодушно и пасивно пред тие извори на неправда. Токму затоа сметаме дека дадената шанса за Љупчо Коцевски е веќе потрошена“, рече Мицевски.

Поддршката што тој ја доби не ја оправда, додаде тој.

„Наместо реформа и интегритет – добивме молк и сервилност кон власта што беше поразена од народот. Затоа, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи интерпелацијата, во интерес на принципите, граѓаните и правдата. Нема веќе простор за компромиси со неуспехот. Време е за одговорност“, рече Мицевски.