
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, е единствениот актуелен политичар кој активно работел на населување мигранти и отворање на прифатен центар во Бардовци, обвинија денеска од ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на „Службен весник“.
Од владејачката партија посочуваат дека додека Филипче бил министер во владата на Зоран Заев, учествувал во носење на план за изградба на објект за странци.
„На ден 26.01.2018 година, во „Службен весник на Република Македонија“, број 16, страна 189, точка 1.6, стои: „Изработка на државно урбанистичко-планска документација за прифатен центар на странци за потребите на Секторот за гранични работи и миграции при МВР на КП бр. 35, запишана во Имотен лист бр. 2140 за КО Бардовци“, цитираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, ова докажува дека СДСМ имале државна политика за населување мигранти, која не успеала само поради притисокот од тогашната опозиција.
„На СДС, а посебно на Филипче кој сè уште е продолжена рака на Заев, на ваквото глумење загриженост и некаква одбрана на државата, никој не му верува“, се вели во соопштението.
