Skip to main content
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ активно ќе ги поддржи кандидатите на ЗНАМ и ВЛЕН во општините во кои нема свои кандидати

29/09/2025  21:57

ВМРО-ДПМНЕ активно ќе води кампања за поддршка на кандидатите на коалициските партнери на овие локални избори. Ова го потврди лидерот на партијата и премиер Христијан Мицкоски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

Прашан дали во општините во кои ВМРО-ДПМНЕ нема свои кандидати ќе повика да се гласа за кандидатите на другите партнери од коалицијата, конкретно за Максим Димитриевски во Куманово, Мирослав Лабудовиќ во Центар, Билал Касами во Тетово и Изет Меџити во Чаир, Мицкоски одговори дека лично тој ќе повика да се гласа за нив, а воедно и теренците на ВМРО-ДПМНЕ ќе работат на нивните кампањи.

„Така ќе се постави ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата – ќе повика владината коалиција да има најголем број градоначалници на овие локални избори и апсолутно за овие кандидати коишто припаѓаат на владината коалиција, јас лично ќе повикам и теренски ќе работиме како коалиција“, рече премиерот.

На прашањето кого ќе поддржат во Струга, каде што има девет кандидати, а ниту еден официјален на владината коалиција, Мицкоски одговори дека ќе го поддржат независниот кандидат кој е поддржан и од ВЛЕН – Менди Ќура.

„Во Струга цениме дека независниот кандидат Менди Ќура има исклучително добра програма, барем од тоа што можев да го заклучам кога разговарав со него. Се знам со него уште кога беше претседател на Сојузот на стопански комори на северозападна Македонија. Имам изградено и човечки, но и професионален однос и верувам дека е најдобриот избор за Струга и стружани“, одговори Мицкоски.

Освен Ќура, во Струга кандидати се и Јована Мојсоска (Левица), Љубе Петрески (Работничка партија), Роберт Милески (Демократи), Арсим Далипи (НАИ) и независните Насто Палиоски, Бесник Асани, Игор Малески и Мирко Савески.