Skip to main content
Македонија

Владата усвои мерки за раст на минималната плата и засилување на контроли во транспортниот сектор

25/03/2025  16:33

На денешната редовна 63-та седница, Владата на Република Северна Македонија усвои низа мерки насочени кон зајакнување на економската стабилност и подобрување на јавните услуги, како и зголемување на транспарентноста во владеењето. Овие одлуки ја потврдуваат посветеноста на Владата за постигнување конкретни и видливи резултати во интерес на граѓаните.

Еден од клучните моменти на седницата беше разгледувањето и усвојувањето на информацијата за утврдување на минималната плата за 2025 година. Во согласност со законските критериуми, минималната плата ќе бележи пораст од 2,685 денари во бруто износ и 1,812 денари во нето износ. Овој чекор е дел од континуираните напори на Владата да го подобри животниот стандард на граѓаните преку стабилен економски раст.

Покрај тоа, Владата ја разгледа и усвои иницијативата за измени и дополнувања на седум закони кои се во надлежност на Министерството за транспорт. Со оглед на последните трагични настани, мерките ќе обезбедат почести контроли на сите иматели на лиценци, дозволи и одобренија, а законските измени ќе предвидуваат задолжителни проверки двапати годишно. Исто така, законските измени го воведуваат принципот дека жалбата нема да го одлага извршувањето на одлуката, односно суспензијата ќе се спроведува веднаш.

Овие активности ја потврдуваат заложбата на Владата за постигнување вистински напредок и континуиран развој, со цел подобрување на секојдневниот живот на граѓаните и обезбедување квалитетни и безбедни јавни услуги. Владата продолжува да ја информира јавноста за секој преземен чекор и останува посветена на ефикасноста и долгорочниот развој на државата.