Skip to main content
Македонија

Владата по изгласаната интерпелација на Коцевски: Очекуваме оставка, правдата нема цена

29/07/2025  16:44

Владата денеска реагираше на исходот од гласањето во Собранието, со кое државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски доби недоверба од пратениците, оценувајќи го како „силен институционален сигнал кој не смее да биде игнориран“, објави 4NEWS.mk.

„Очекуваме државниот јавен обвинител да постапи морално и да поднесе оставка. Тоа би било одговорен и достоинствен чин, во интерес на правдата и довербата на граѓаните,“ се наведува во официјалниот одговор на Владата.

Од Владата додаваат дека со денешниот исход „паднале во вода тезите што со месеци ги пласираа опозициските партии за наводна спрега помеѓу Владата и Обвинителството“.

„Оваа Влада не калкулира со правдата,“ порачуваат од таму.

Во реакцијата има и остра критика до партијата ДУИ, чиешто политичко делување се оценува како базирано на поделби и страв. „Наместо да ја злоупотребуваат етничката чувствителност за лични политички цели, најмалку што треба да направат е да се извинат на Албанците за лагите што со месеци ги кажуваа. Време е да почнеме да градиме политика на одговорност, а не на манипулација,“ наведуваат од Владата.

Собранието попладнево со 71 глас „за“ ја изгласа интерпелацијата на Љупчо Коцевски, со што му беше изгласана недоверба како државен јавен обвинител.