Skip to main content
Македонија

Владата најави изградба на втора жичница од Капиштец до врвот на Водно

26/12/2024  10:44


Скопје наскоро ќе добие нова жичница што ќе овозможи превоз од Капиштец до врвот на Водно, откако Владата го најави продолжувањето на проектот за изградба на втората фаза – од Средно Водно до Капиштец, пренесува САКАМДАКАЖАМ.

Директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски, истакна дека жичницата ќе го поврзе градот со Водно, олеснувајќи го пристапот до ова популарно излетничко место.

„Во следниот период ќе се прават анализи за да утврдиме што предвидувал претходниот проект, дали е потребно нешто да се коригира, по што ќе ја информираме јавноста“, изјави Томовски за СДК.

Жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст беше пуштена во употреба во 2011 година и чинеше 6,7 милиони евра. Веднаш по завршувањето на првата фаза беше најавена изградбата на втората. Според тогашните планови на Министерството за транспорт и врски, почетната станица требаше да биде кај црквата Свети Јован во Капиштец, со станици кај детската болница Козле и Средно Водно, а конечната дестинација – Милениумскиот крст.

Со оваа нова фаза, граѓаните ќе добијат побрз и полесен пристап до Водно, што ќе придонесе за подобрување на туристичката понуда и олеснување на сообраќајниот метеж.