
Владата на Косово во оставка потврди дека е подготвена на соработка со САД за прифаќање и привремено преселување на државјани од трети земји во Косово, во согласност со утврдени услови, изјави денеска портпаролот на косовската Влада, Перпарим Криезиу.

– Во период од една година, до педесет лица можат привремено да се преселат, со цел да се олесни нивното безбедно враќање во нивната земја на потекло. Владата изрази подготвеност да се ангажира, со можност за избор на лица од предложената листа, под услов да исполнуваат одредени критериуми поврзани со владеењето на правото и јавниот ред, наведе Криезиу.
Американскиот Стејт департмент минатата недела соопшти дека земјите од Западен Балкан се вклучени во пошироката стратегија на САД за депортирање на странски државјани без регулиран статус. Според Стејт департментот, постојаната соработка со странските влади е клучна за спречување на илегалната и масовна миграција, како и за безбедност на границите,
Косовската Влада на 26 мај изрази подготвеност да разговара и со Велика Британија за предлогот за воспоставување на така наречени центри за враќање во Косово, за азилантите кои биле одбиени во Велика Британија.
Меѓународната организација „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch) изрази загриженост дека користењето на балканските земји како места за прием на мигранти може да ги наруши нивните права и да создаде нови предизвици за земјите домаќини.