Skip to main content
Македонија

Владата ќе го оценува медиумското известување, распишан е повик за прес-клипинг

27/03/2025  15:26

Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија распиша тендер за прес-клипинг односно следење на известувањето на медиумите.

За оваа услуга се уште нема склучен договор односно не е завршена постапката за да се дознае која фирма ќе ги мониторира медиумите. Тендерот е објавен на 5 март, а отворен е до 4 април до кога треба да се поднесат понудите.

Фирмата што ќе го добие повикота треба да изработи софтвер за оцена на медиумското влијание и ќе овозможи да се прави оценување на објавените вести дали се позитивни, негативни или неутрални. 

Во техничката спецификација на тендерот објавена на страната на Бирото за јавни набавки без да се специфицира предвидениот буџет, стои дека фирмата која ќе биде избрана на тендерот треба да овозможи услуга за оценка на медиумското влијание или клипинг односно следење, селекција, изработка и дистрибуција на објави во печатените, електронските, интернет медиумите и на социјалните мрежи. Софтверот треба да овозможи податоци за медиумот кој ја објавил веста и име на авторот на веста.

„Веб пристапот до објавите 24 часа на ден треба да обезбедува можност за пребарување, обележување на клучни зборови во објавата, прикажување на оригиналниот извор со линк, можност за изработка на извештаи, можност за оценување на медиумските објави во однос на позитивна, негативна и неутрална конотација, онлајн квантитативна аналитика на објавите по одредени параметри“, стои во техничката документација на тендерот.

Владата бара добивање на информации во реално време, веднаш по нивното објавување, а најмногу два часа по објавата, модул за вештачка интелигенција како и мобилна апликација за сите видови паметни телефони.

„Анализата на медиумите им овозможува на институциите да ги следат реакциите на јавноста на соопштенија за политики, новите прашања или кризи. Покрај ова, следењето на трендовите и јавниот дискурс помага да се предвидат предизвиците и да се усогласат пораките со очекувањата на засегнатите страни. Нашата тенденција е да креираме и спроведуваме политики кои се за добробит на јавноста и граѓаните, но и воедно да ги воочуваме грешките во работењето и истите да ги коригираме. Во тој контекст особено влијание и значење за нас имаат медиумите, како еден од најрелевантните фактори со активна улога коректив на власта. Системот пропишан во документацијата не се однесува на оценка на релевантноста на самите вести, туку пораките кои доаѓаат од медиумите во насока на коригирање на можните грешки во спроведувањето на политиките од работењето на Владата. И во таа насока на медиумите единствено гледаме како силен коректив и партнер во спроведувањето на политики од заеднички и општествен интерес“, велат од Владата.