
Владата на денешната 140. редовна седница го усвои Законот за јавно обвинителство, кој е еден од клучните чекори во реализацијата на реформската агенда во Областа 5 – Фундаментални вредности, со акцент на зајакнување на владеењето на правото. Со новото законско решение, како што информираат од Владата, се прави значаен исчекор во насока на унапредување на независноста, ефикасноста и отчетноста на јавното обвинителство, како една од најважните институции во правниот систем и чувар на јавниот интерес. Законот е подготвен по сеопфатен процес на анализи и консултации и е усогласен со европските стандарди и меѓународните добри практики.
Една од клучните новини е изменетата постапка за избор на Јавен обвинител на Република Северна Македонија, при што се воведуваат јасни критериуми и механизми за транспарентен, инклузивен и мерит-системски избор. Во законските одредби се вградени релевантни препораки со цел процесот да биде заштитен од политички влијанија и да се темели исклучиво на стручност, интегритет и професионален кредибилитет. Законот предвидува и прецизни рокови за постапките за избор и унапредување, како и категоризација на дисциплинската одговорност на јавните обвинители, што, според Владата, ќе придонесе за поголема правна сигурност, предвидливост и функционалност на системот, како и за зголемена одговорност во работењето на обвинителството.
Од Владата порачуваат дека остануваат целосно посветени на реформите во правосудството како приоритет од висок јавен интерес и неопходен предуслов за напредокот на државата на европскиот пат, додавајќи дека усвојувањето на Законот за јавно обвинителство е конкретен показател за заложбите за изградба на силни, независни и професионални институции во служба на граѓаните и владеењето на правото.
