Skip to main content
Македонија

Владата бара ЗНМ прво да се консултира пред изнесува јавни квалификации

23/09/2025  21:28

Секогаш е од исклучителна важност сите недоразбирања да бидат разјаснети преку непосредна комуникација со институциите, пред да се изнесуваат јавни квалификации што можат да создадат погрешна перцепција, му препорачува Секторот за односи со јавност на Владата на Северна Македонија на Здружението на новинарите во соопштение во кое објаснува дека немало селекција на поканети медиуми на денешната изјава на министерот за здравство пред Клиниката за пулмологија и алергологија.

Ова барање за претходни консултации доаѓа откако ЗНМ изрази изразува загриженост поради самоволното и непрофесионално однесување на Министерството за здравство и службите за односи со јавност, кои денеска не овозможија официјално присуство на медиумите при посета на Клиниката за пулмологија и алергологија.

Во соопштението на ЗНМ се вели дека по неколку барања од новинарите кои известуваат во областа на здравство и кои во неколку наврати се обратија до здружението за ова прашање, денеска била повикана само агенцијата МИА за снимање на клиниката, додека останатите медиуми не биле официјално поканети. Ова јасно покажува, сметаат од ЗНМ, ограничување на пристапот до настани од јавен интерес, создава впечаток на дискриминација и отвора сомнеж за можност за прикривање на информации.

ЗНМ ги потсетува надлежните дека медиумите имаат право да известуваат за сите настани од јавен интерес без дискриминација, а институциите се должни да обезбедат транспарентност и еднаков пристап до информации за сите новинари. Оваа ситуација е особено сериозна во контекст на претходните конфликти и недостапноста на информации од страна на кабинетот на министерот за здравство.

Секторот за односи со јавноста на Владата во нивното соопштение категорично истакнуваат дека во ниту еден момент не било направено селективно информирање на медиумите, ниту пак ограничување на нивниот пристап до информации од јавен интерес.

Станувало збор за ситуација во која медиум пред просториите на Клиниката за пулмологија и алергологија побарал изјава, по што – во духот на транспарентноста изјавата беше дадена. Тоа не претставувало официјална покана упатена кон еден медиум, туку практика на отвореност кон секој кој ќе побара информација, наведуваат од Владата.