
Владата ја разгледа и усвои Информација за отпочнување активности за основање Мултифункционален научно-технолошки парк чија цел е поттикнување постојан раст преку вклучување на знаење, иновации и технологија за создавање производи и услуги со висока додадена вредност, конкурентни на меѓународните и домашните пазари.
Согласно претходно направената анализа е утврдено дека техничкиот кампус на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” Скопје нуди идеална локација за сите аспекти – интеграција со академската средина, од аспект на трансфер и комерцијализација на знаењето, инфраструктурна пристапност и поврзување (патна инфраструктура автобуски и железнички линии, автопат и аеродром), како и поголема можност за привлекување компании, инвеститори и стартапи создавајќи центар за вмрежување и регионален развој.
Предвидено е паркот да се состои од зграда или комплекс згради со современа електрична и телекомуникациска инфраструктура, како и со ефективен и флексибилен работен простор.
Исто така, Владата, а на предлог на Министерството за транспорт, ја разгледа и усвои Информацијата за отпочнување со реализација на неколку улици во Општина Гевгелија, и тоа: Реконструкција на главна улица во с. Моин, реконструкција на улица „Атанас Ѓуров” во с. Прдејци и реконструкција на улица „Иван Марков Братот” Богородица, како и проектот: Изградба на водоснабдителен систем во с. Љубанци и с. Љуботен во Општина Бутел, информираат од владината прес-служба.