
Вишиот суд во Белград го закажа почетокот на главниот претрес за 29 јануари во повторениот судски процес против Владимир и Милјана Кецмановиќ, родители на момчето кое на 3 мај 2023 година во основното училиште „Владислав Рибникар“ уби девет деца и еден училишен чувар, а рани уште пет ученици и еден наставник по историја.
Повторното судење ќе се води пред новиот претседател на судскиот совет, судијата Драган Мартиновиќ, откако досегашниот судија Зоран Божовиќ беше распореден во одделението за организиран криминал при Вишиот суд во Белград.
Пресудата со која Владимир Кецмановиќ беше осуден на 14 и пол години затвор, а Милјана Кецмановиќ на три години, беше укината од Апелациониот суд, кој наложи повторување на постапката.
Вишото јавно обвинителство во Белград го товари Владимир Кецмановиќ за тешко кривично дело против јавната безбедност и за занемарување и злоупотреба на малолетно лице. Милјана Кецмановиќ е обвинета за занемарување и злоупотреба на малолетно лице.
Во повторената постапка, обвинетите повторно ќе имаат можност да се изјаснат по обвиненијата и, доколку сакаат, да ја изнесат својата одбрана или да одговараат на прашања од учесниците во постапката. За време на првото судење, родителите ја негираа вината, тврдејќи дека „не се одговорни за делото на својот син“ и дека биле „добри и грижливи родители“, при што одбија да одговараат на прашања од обвинителството. Според медиумите, тие во судницата се обиделе да се претстават како жртви.
Малолетниот син беше испрашуван како сведок и призна дека ги извршил убиствата, но против него не беше покрената кривична постапка, бидејќи во моментот на злосторството немал наполнето 14 години.

