
Поранешната шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, денеска изрази поддршка за родителите на младите кои трагично го загубија животот во пожарот во дискотеката во Кочани, приклучувајќи се на нивниот протестен марш во Скопје.
Со транспаренти во рацете и солзи во очите, родителите маршираа низ градските улици, барајќи правда за своите деца и одговорност од институциите. Рускоска со своето присуство испрати силна порака на солидарност и поддршка кон семејствата кои со месеци бараат одговори за трагедијата што ја потресе јавноста.
Родителите побараа итно расветлување на сите околности поврзани со пожарот, како и преземање конкретна одговорност за институционалните пропусти кои, според нив, придонеле до несреќата. Тие најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се обезбеди правда за нивните деца.