
По сведочењето на Велибор Манев, денеска во Кривичниот суд во Скопје свое сведочење даде и каратистот Боре Видевски, кој е еден од обвинетите за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Видевски пред судот изјави дека со Манев се запознал уште во тинејџерските години, но негуваат само повремени средби.
„Со Манев се запознав многу одамна, имавме околу 14-15 години во извиднички клуб во Велес. Но тоа не беше дружење, едноставно бевме на исто место. Можеби една или две години сум бил член таму, потоа се повлеков и го немав видено долго време. Повремено се среќававме на улица, само се поздравувавме“, изјави Видевски.
Тој рече дека повторно стапил во контакт со Манев кога го повикал да даде потпис за формирање на политичката партија „Десна“.
„Една вечер ме повика да се видиме и ми предложи да дадам потпис за формирање на партијата. Палчо (Љупчо Палевски) го запознав во просториите на партијата кај Опера Хаус, каде што отидов за да потпишам на нотар. Познанството ми беше исклучиво од партиска основа. Влатко Кешишев, исто така, го запознав таму, но немав контакт со него. Потоа дознав дека работи како домаќин и готвач“, сведочеше Видевски.
Тој категорично негираше дека во тие кругови се договарале грабнувања и убиства, тврдејќи дека разговорите се воделе за организирање литија.
„Партијата ‘Десна’ заземаше ставови кои јас ги поддржував. Имаше иницијатива поврзана со Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Според сознанијата на претседателот на партијата Љупчо Палевски, постоеше загриженост дека постои опасност да се промени името во ‘Црква на Северна Македонија’. Поради тоа се креираше декларација по тоа прашање и секој од нас имаше задача да собира потписи низ целата држава. Планиравме да собереме барем 150 илјади потписи. Потоа требаше да се организираат повеќе литии низ градовите на Македонија, а првата требаше да се одржи во Велес. Подготовките започнаа токму таму“, рече Видевски.
Како што додаде, снимките од безбедносните камери што ги анализира обвинителството, всушност, биле дел од тие подготовки за настаните поврзани со литијата.
Судењето за убиствата на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска продолжува, а сведочењата на обвинетите фрлаат ново светло врз овој шокантен случај кој ја потресе јавноста.