Skip to main content
Македонија

(Видео) Рекордна заплена на дрога во Македонија

06/02/2026  11:22

Голема полициска акција за сузбивање на нелегална трговија со дрога беше спроведена во Скопје, при што, според неофицијални информации, се запленети околу 27 тони марихуана. Станува збор за најголема конфискација на наркотична дрога досега во земјава, а акцијата е поврзана со претходната заплена на пет тони марихуана во Србија, за која тамошните власти соопштија дека потекнувала од Македонија.

Во рамките на акцијата биле извршени претреси во магацински простории на компанијата за производство на медицински канабис „Алфафарм ДОО Скопје“, регистрирана во 2023 година и лоцирана во кругот на поранешната фабрика ОХИС. Според јавно достапните податоци од Централниот регистар, компанијата е основана со основен капитал од околу 529 илјади евра и има повеќе сопственици, а промени во сопственичката структура биле направени непосредно пред заплената на дрогата во Србија.

Во Србија, во врска со случајот, се осомничени пет лица за неовластено производство и трговија со наркотични дроги, при што две лица сè уште се недостапни за органите на прогонот. Надлежните институции во Македонија засега не соопштуваат детали за бројот на осомничени, ниту за можните кривични дела, посочувајќи дека истрагата е во тек.

Од Министерството за внатрешни работи и од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал се очекуваат дополнителни информации во текот на денот, по завршување на активностите на терен и целосното документирање на случајот.