
Во врска со обвинувањата на министерот за спорт дека Општина Карпош сѐ уште не ја пуштила во употреба спортската сала „Наум Наумовски – Борче“, позната како Партизан 4, сакаме да ве потсетиме дека оваа сала официјално стартуваше со работа на 24 март оваа година.

Пред тоа, Општината со одлука на Советот на Општина Карпош распиша тендер во висина од 1.000.000 денари и набави дел од потребната опрема за стартот на работата на салата.
Истиот ден, градоначалникот Стевчо Јакимовски направи обиколка на салата, при што нагласи дека таа првпат ќе биде користена од основците од Карпош во рамки на училишните спортски лиги во кошарка и одбојка, кои традиционално ги организира Општината.
Јакимовски исто така нагласи дека за состојбата на салата „Партизан“ бил известен и министерот за спорт, од каде не е добиен никаков одговор.
Три недели подоцна, на 17 април 2025 година, во истата сала градоначалникот ги додели медалите за најуспешните во женската одбојкарска училишна лига и во машката кошаркарска училишна лига.