Skip to main content
Балкан

(Видео) Косовски пратеник истепа случаен минувач на улица

26/10/2025  08:33

Вчера во Приштина се случил инцидент меѓу пратеникот на Демократскиот сојуз на Косово, Арменд Земај, и еден граѓанин од дијаспората.

Настанот се случил додека Земај давал интервју на плоштадот, кога минувачот се доближил и го нарекол „лажго“.

Пратеникот реагирал бурно и физички го нападнал човекот.

На видеото објавено од „Газета Блиц“ се гледа моментот кога Земај зборува пред камерите, додека граѓанинот во позадина довикува: „сите сте лажговци“ и „лажете“. Земај му возвратил со прашањето „кого лажеш“, по што, кога минувачот се приближил, го удрил.

По инцидентот, Земај се огласи на својот Фејсбук-профил, изразувајќи жалење и извинување за случката.

„Денес, за време на јавно интервју, се случи непријатна ситуација поради која искрено жалам. Еден граѓанин, не знам дали случајно или намерно, ме навреди и вербално ме провоцираше со неприфатливи зборови, пред медиумите и новинарот кој го спроведуваше интервјуто. Во тој момент реагирав во самоодбрана, во емоционална состојба, што не ги претставува моите лични убедувања ниту принципите што ги застапувам како пратеник и како член на ДСК. Во вакви случаи, без разлика на провокацијата, насилството во било каква форма не е вистинскиот одговор. За овој чин изразувам жалење и јавно се извинувам“, напиша Земај.

Косовската полиција потврди дека инцидентот навистина се случил, а реакциите во јавноста не изостанаа.

Демократскиот сојуз на Косово веднаш го осуди нападот, опишувајќи го како „директно прекршување на институционалното достоинство и демократската култура врз која е изградена државата Косово“.