Skip to main content
Скопје

(Видео) И Кисела Вода има свое Маџир Маало, ДУП-от за Ј15.01 никако да се донесе

11/06/2025  12:35

Кисела Вода важи за една од најурбанизираните општини во Градот Скопје, која граничи со строгиот центар.

Воедно, таа, заедно со Општина Центар беше првата општина која масовно се градеа згради на места каде имаше семејни куќи (некаде на почетокот на овој век).

Сепак, денес во Кисела Вода (исклучувајќи го руралниот дел) има одредени неурбанизирани делови каде тамошните жители живеат во недостојни услови.

Еден од нив е реонот Ј15 блок 01 кој се наоѓа на само два и пол километри од центарот на Скопје, односно делот кај Парк Иднина, поточно каде завршува населбата Кисела Вода и почнува населбата Припор.

Тесни улички, слаб притисок во цевките, проблеми со дел од уличното осветлување, но и згради залепени до семејни куќи се секојдневие на граѓаните од овој дел од Скопје.

Тие се жалат, дека поради недонесувањето на Деталниот урбанистички план за реонот Ј15.01 тие со децении мораат да импровизираат.

„Од кога памтам овде се ветува носење на ДУП со кој треба да се стави ред во секојдневното живеење, но еве уште чекаме. Тоа ни прави проблеми, затоа што не можеме да правиме доградби, не можеме соодветно да реновираме, па затоа дел од куќите што ги гледате се во доста аморитизрана состојба“ раскажува жител од една од уличките.

Но и тој и неговите соседи, се чудат како е можно на две улички подолу да никне огромна зграда буквално залепена до семејните куќи.

Сето ова многу потсетува на состојбата во Маџир Маало и Ново Маало каде од една страна гледаме нови висококатници, а од друга страна трошни куќи во супстандардни услови.

Според дел од граѓаните кои ни се обратија уште еден проблем кој се јавува се високите треви на парцелите кои се во приватна и државна сопственост а кои не се косат редовно, па во летниот период не се ретки појавите и на змии и други влекачи и глодари по улиците.

И додека граѓаните продолжуваат да се соочуваат со истите проблеми, на нивно барање испративме прашање до општина Кисела Вода за тоа што планираат со овој реон и до каде е постапката за носење на ДУП-от за Ј15.01.

Оттаму, до објавување на оваа вест, не добивме одговор.