
Во општина Аеродром, затекнати при нелегални активности на бесправна експлоатација на коритото на реката Вардар, од фирма која нема никакви лиценци, елаборати, дозволи и одобренија ниту за работа, ниту за механизацијата со која ги извршуваат овие злодела против природата, а што потенцијално претставува и опасност по здравјето на граѓаните, објави денеска градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
„Почитуван Министер Тошкоски, ова сметајте го и за пријава против лицето Ќамил Османовиќ и неговите соработници кои упатија пред сведоци закани по мојот живот и по животот на моето семејство, за што и формално ќе поднесам пријава до вас. Никој не им се плаши, но убаво би било да видиме дали ќе постапите бидејќи неказнивоста и непостапувањето предизвикува да мислат дека се недопирливи пред законот. За случајот се известени Министерството за животна средина и просторно планирање, МВР и сите надлежни институции. Еве ја ситуацијата на терен. Како во прашумите на Амазон, но во Скопје. Нелегален ископ на криминалците од Прогрес Компани Долно Коњари, браќата Ќазим и Ќамил Османовиќ, кои додека си тераат бизнис и прават пари со енормно загадување на Вардар и природата, имаат време и да се закануваат. Повелете институции, постапете“ вели Арсовска.