Skip to main content
Скопје

(Видео) Ангелов смета дека пожарот во Трубарево е подметнат, нема повредени лица

13/09/2025  17:41

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов пред малку изјави дека пожарот во Трубарево бил намерно подметнат.

„Според мене се работи за намерно подметнат пожар, повеќе од сигурно намерно подметнат пожар, бидејќи не е едноставно да се запали ваков објект. Да се случат волку тешки пожари, кои предизвикуваат големо загадување… се работи за намерно подметнат пожар,“ изјави Ангелов.

Тој посочи дека во објектот имало голема количина пластика која предизвикала густ црн, а веројатно и токсичен чад.

„Веднаш до нивните објекти има уште два објекти во кои има поголема количина на пластичен отпад, а се делумно зафатени од пожарот. Нашата прва цел е да не се дозволи ширење на пожарот, затоа сите ресурси кои ги имаме во Скопје се насочени тука,“ додаде тој.

Ангелов кажа и дека нема повредени лица и дека на терен се распоредени повеќе противпожарни екипи

„На терен се распоредени три БТР и еден „Хермелин“, скоро сите возила на скопската Противпожарна служба, како и полициски и армиски хеликоптер, заедно со авион „Ер Трактор“ на ДЗС“ истакна Ангелов.