
Верниците од исламска вероисповед денеска го слават празникот Курбан Бајрам, вториот најголем празник на муслиманите по Фитр Бајрам.

На првиот ден од празникот се изведува молитвата за Бајрам – Бајрам намаз, со која верниците бараат милост од Алах.
Карактеристично за овој празник е принесувањето жртва – курбан, која има симболика на приближување кон Бога. Како курбан најчесто се принесуваат овни или телиња. Обичајот го изведуваат сите кои имаат можност, а тие кои принеле жртва, потоа им раздаваат од месото на сиромашните, соседите и на роднините.
Курбан Бајрам трае три дена, а прославата почнува 70 дена по првиот Бајрам во годината, Фитр Бајрам, и го обележува денот кога е комплетиран светиот Куран. Со овој празник се крунисува аџилакот, кој важи за петти темел на исламот, кој е доказ за солидарност и благосостојба.

Поглаварот на Исламската верска зедница Реис ул улема ефенди Шаќир Фетаи упати порака по повод празникот Курбан Бајрам. Фетаи во пораката вели дека Курбан Бајрам е голем и благословен празник кој ги содржи божествените настани, кои се извор на инспирација за подигнување на свеста на верникот за љубовта и посветеноста кон Семоќниот Алах.
Поглаварот на ИВЗ во пораката нагласува дека големината на овој празник се состои во фактот дека во овие денови се комплетирало објавувањето на славниот Куран, се извршува аџилакот – петтиот исламски столб, и верниците го исполнуваат својот обврзувачки чин на принесување курбан заради Семоќниот Алах.
-Курбан Бајрам е израз на непоколеблива верба за жртвување на сè, па дури и на најскапоценото заради Алах – за да се покаже во пракса дека љубовта и посветеноста кон Неговата величина се над сè, исто како што постапи Ибрахим а.с., кој беше подготвен да го жртвува својот син Исмаил а.с. Институцијата на курбанот е конкретен израз на разбирање дека нема големи дела без големи напори и жртви, и дека човекот вреди онолку колку што е подготвен да го подели најдрагоценото со другите. Затоа, Курбан Бајрам не е само ден на славење, туку е празник кој го учи верникот да биде дарежлив, да го облагородува духот и срцето, да учествува во големи дела, да биде солидарен, да помага на сиромашните и немоќните, да ги зајакнува духовните и социјалните врски, да го поттикнува единството во добри и тешки моменти, и да го негува мирот, љубовта и заедништвото меѓу луѓето, вели тој во пораката.
Фетаи посочува дека сето ова покажува дека празникот не е само формален чин, туку длабоко духовна атмосфера која го всадува највисокиот степен на побожност во срцето на верникот, што е извор на сето добро во личниот, семејниот и општествениот живот.
-Семоќниот Алах вели во славниот Куран: „До Алах не стигнува ниту нивното месо, ниту нивната крв, туку до Него стигнува вашата побожност”. Во време на големи предизвици, овој празник нè потсетува на неопходноста да се работи на елиминирање на проблемите со кои се соочува човештвото, да се искорени сиромаштијата и да се донесе спокој и благодет во животот. Курбан Бајрам нека биде прилика за враќање кон себеси, за избегнување на злото и за повторно посегнување кон доброто, блискоста, мирот, еднаквоста, праведноста и љубовта кон Семоќниот Алах. На крај, дозволете ми, во име на Исламската Верска Заедница и лично во мое име, да ви упатам искрени честитки по повод празникот Курбан Бајрам. Го молиме Семоќниот Алах да ги прифати вашите обожувања, курбани и добри дела, да ви подари благосостојба во вашите семејства, свест за подобра иднина и поголема близина меѓу вас. Алах да ве благослови! Среќен празник Курбан Бајрам!, посочува во пораката поглаварот на ИВЗ, Фетаи.