Skip to main content
Свет

Велика Британија ги осуди нападите на Иран врз британско-американската база и ги нарече неодговорни

21/03/2026  19:37

Велика Британија денеска ги осуди „неодговорните напади“ на Иран откако иранската војска истрела ракети врз британско-американската воздухопловна база на островот Диего Гарсија во Индискиот Океан.

Британските претставници не дадоа детали за обидот за напад, кој беше неуспешен. Не е јасно колку блиску ракетите се приближиле до базата, која е оддалечена околу 4.000 километри од Иран.

„Нападите низ регионот и држењето на Ормуската Теснина како заложник претставуваат закана за британските интереси и британските сојузници“, соопшти Министерството за одбрана на Велика Британија.

Велика Британија не учествуваше во нападите на САД и Израел врз Иран, но им дозволи на американските бомбардери да ги користат британските бази за да напаѓаат ирански локации.

Британската влада вчера изјави дека американските бомбардери можат да ги користат британските бази, вклучително и Диего Гарсија, во операции за да се спречи Иран да напаѓа бродови во Ормуската Теснина.