
Сериозен недостиг на антидијабетна терапија, инсулински помагала и сензори за контрола на шеќерот е актуелниот проблем со кој се соочуваат пациентите со дијабетес во Македонија, предупреди Димче Велев од Сојузот на здруженија на лица со дијабетес, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Тој истакна дека иако има доволно инсулин, останатата терапија и помагала недостасуваат веќе подолг период.
„Не доволно, има континуиран недостиг на терапија. Инсулин има за среќа, но нема антидијабетна терапија и сензори повеќе од еден месец“, изјави Велев.
Според него, главната причина за оваа состојба е неодговорното планирање и доцнењето на тендерските постапки, што доведува до редовни прекини во снабдувањето со неопходната терапија и опрема.
Велев предупреди дека оваа ситуација директно ги погодува околу 40.000 пациенти со дијабетес, кои често остануваат без основните средства за контрола и лекување на болеста.
„Секоја година зборуваме за истите проблеми, без системско решение“, нагласи тој.
Како можен излез од кризата, Велев го посочи новиот модел кој го најавил директорот на Фондот за здравствено осигурување за 2027 година. Според најавите, ќе се воведе систем на „референтна цена во аптека“, што би овозможило пациентите континуирано да ги добиваат терапиите и помагалата, без прекини.
Тој додаде дека новиот модел ќе донесе поголема флексибилност во работењето на Фондот, со можност побрзо да се реагира на проблемите, наместо да се чекаат долги административни процедури.
„Не знам зошто не им досадува да се реши ова, додека пациентите страдаат. Во развиените земји вакви проблеми нема – секој пациент секогаш ги добива потребните терапии и помагала“, истакна Велев.
Тој апелираше за итно системско решение, кое ќе гарантира континуитет во снабдувањето со терапија и ќе спречи вакви кризи во иднина.

