
Со полициска придружба и три службени возила, вечерва околу 21:30 часот во Основното јавно обвинителство во Кочани беа донесени првите неколкумина осомничени од проширената истрага за пожарот во дискотеката „Пулс“, во кој на 16 март загинаа 61 лице, меѓу кои и 6 деца, а беа повредени 197 гости.
Околу 30 минути пред приведените, во обвинителството пристигна и државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Тој не даде изјава за медиумите, но најави дека во текот на утрешниот ден ќе одржи прес-конференција на која ќе бидат соопштени сите детали од истрагата.
Според информациите од Обвинителството, со новата наредба се проширува истрагата на 19 лица, осомничени за тешки дела против општата сигурност согласно член 292, во врска со член 288 од Кривичниот законик.
Станува збор за службени лица, кои во периодот од 2012 до 2025 година, во рамки на своите надлежности и одговорности, не постапиле по прописите за безбедност и заштита, дозволувајќи објектот да работи без основни безбедносни услови, што довело до трагичните последици.
Меѓу осомничените се овластени градежни инспектори од Општина Кочани, директори и генерален инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување, министри и државни секретари од Министерството за економија, како и инспектори од Државниот пазарен инспекторат.
Истрагата е сè уште во тек, а надлежните институции најавуваат натамошни постапки и предлози за мерки за обезбедување присуство на осомничените.