Skip to main content
Македонија

Вечерва целосно затемнување на Месечината, ќе може да се гледа и од плоштад „Македонија“

07/09/2025  15:02

Целосното затемнување на Месечината што треба да се случи вечерва ќе може да се набљудува од плоштадот „Македонија“. Од Скопското астрономско друштво најавуваат дека ќе постават два телескопа.

Редок феномен – целосно затемнување на Месечината, ќе може да се набљудува и од нашата држава. Се разбира, ова ќе може да се види само доколку времето биде ведро и без многу облаци. Гледано од Скопје, нема да се види помрачувањето во целост, туку неговиот втор дел, велат од Скопското астрономско друштво.

– Месечината ќе изгрее над источниот хоризонт веќе делумно затемнета, но, не и целосно. Скопското астрономско друштво ќе постави два телескопа на плоштад „Македонија“, во центарот на градот. Околу 19 часот очекуваме изгревање на полу-затемнета Месечина, која со текот на времето ќе станува сè потемна и ќе добива црвеникава боја, појаснуваат од Скопското астрономско друштво.