
Општина Центар ги поканува сите граѓани на големата предновогодишна забава „Вечер под ѕвездите“, која ќе се одржи на 29 декември на Боемска 1, во Дебар Маало.
„Ветувам добро и незаборавно расположение. За сите подготвивме по нешто – од утринските, па сѐ до вечерните часови. Најдобрата журка секогаш е овде, во Центар, во срцето на Скопје“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Предновогодишната програма започнува во 11 часот со содржини наменети за најмладите. Ќе настапат „Златните славејчиња“, хорот на ООУ „11 Октомври“ и танцовиот клуб „Еурека“. Кристијан Бенито ќе го изведе своето магионичарско шоу, а Дедо Мраз ќе подари новогодишни пакетчиња.
Празничната атмосфера продолжува попладне со зимскиот уличен фестивал „Грин-Џ 2025“.
Вечерната програма е резервирана за добра журка. Публиката ќе ја загрее DJ Александар Јорданов, по што следуваат Brass Brothers, со електронскиот етно звук.
За самиот финиш ќе настапи Либеро Бенд , група позната на македонската музичка сцена по своите енергични живи настапи и богат репертоар од авторски песни и преработки на познати хитови.
Не ја пропуштајте магичната предновогодишна вечер на Боемска, на 29 декември !
Да ја испратиме годината заедно, со музика и добро расположение.

