Skip to main content
Хроника

Вчера уапсени 21 возач, од нив 11 возеле без возачка

14/03/2026  13:51

Вчера, на целата територија на државата, полициските службеници лишија од слобода 21 возач поради безобѕирно управување со моторно возило.

Од нив, пет возачи (од Тетово, Штип, Скопје и Струмица) управувале возило под дејство на алкохол. Единаесет возачи (од Скопје, Битола, Дебар, Охрид, Гостивар, Тетово, Велес и Неготино) управувале возило без да поседуваат возачка дозвола, додека тројца возачи (од Велес, Куманово и Тетово) управувале возило и покрај тоа што имале активна забрана за управување.

Во два случаи кај возачи од Скопје и Штип било утврдено присуство на алкохол, при што едниот не поседувал возачка дозвола, додека другиот имал и активна мерка забрана за управување со моторно возило.

Во два од случаите возачите предизвикале и сообраќајни незгоди. Лицето З.Н.(46) од Штип, кај кого било констатирано 2,41 промили алкохол во крвта и кој управувал возило без возачка дозвола, како и И.С.(60) од Гостивар, кој исто така управувал возило без возачка дозвола. Двајцата удриле во паркирани возила.

Во текот на вчерашниот ден бил запрен и малолетник од Кавадарци, кој управувал возило без да поседува возачка дозвола.

Притоа, одземени се и 15 возила. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Апелираме до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Управувањето возило под дејство на алкохол, без возачка дозвола или и покрај изречена забрана претставува сериозна опасност за безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Само со одговорно однесување и почитување на правилата можеме заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.