Skip to main content
Балкан

Утрово специјалистички тимови на терен во потрага по 3-годишно девојче

16/01/2025  09:47

Во потрагата по исчезнатото 3-годишно девојче во реката Сава активно учествува и специјалистичкиот тим за спасување на вода на хрватскиот Црвен крст, соопштија од оваа организација.

Тимот на Црвениот крст е составен од шест искусни спасувачи кои во координација со другите служби за итна помош ја пребаруваат реката. За потрагата се користат два пловни објекта – чамец и специјализиран скутер за спасување, а спасувачите се соочуваат со екстремно тешки услови. Сите екипи вложуваат максимални напори да го пронајдат девојчето.

Според надлежните институции, девојчето исчезнало вчера попладне, откако заедно со својата мајка влегло во реката. Мајката, која подоцна била пронајдена и ѝ била укажана лекарска помош, изјавила дека заедно влегле во студените води на Сава.

„Денеска во 16:10 добивме дојава за потреба од потрага по лице. Веднаш решивме да започнеме акција за пребарување со два чамци, џет ски, дрон и термална камера. Баравме по коритото на реката Сава. Потрагата за денеска е прекината поради тешките временски услови“, изјави водачот на спасувачката екипа синоќа по 21 часот.

И покрај прекинот на потрагата доцна синоќа поради лошите временски услови, активностите продолжија утринава. Засега останува нејасно што точно се случило и зошто мајката одлучила да влезе во ледено студената река со своето мало девојче.

Спасувачките тимови продолжуваат со интензивните активности во надеж дека ќе го пронајдат детето.