
Штип утревечер ќе го подигне погледот кон небото за да му оддаде почит на човекот што светеше меѓу нас – Панчо, кој беше повреден во трагичниот пожар и денеска ја загуби битката за живот.
Во негова чест, граѓаните ќе се соберат во 20:00 часот на Градскиот плоштад под мотото „Ѕвездено небо во чест на Панчо“, симбол на светлината и позитивната енергија што ја остава зад себе еден од најпознатите членови на групата ДНК.
Организаторите повикуваат сите што го познаваа, но и сите што сакаат да изразат поддршка и сочувство, да се приклучат на собирот и да го споделат повикот.
„Небото да блеска како што Панчо блескаше со сите нас,“ стои во емотивниот повик што брзо се шири на социјалните мрежи и ги обединува граѓаните во тага, но и благодарност за спомените и песните што ги остави зад себе.
Настанот ќе биде мирен собир на светлина, музика и сеќавање – симболичен начин Штип и Македонија да се простат од уметник кој остави неизбришлива трага во современата музика и култура.