
Во Косово утре во 7:00 часот наутро започнува гласањето на вторите парламентарни избори оваа година, додека предизборната кампања официјално завршува вечерва на една минута пред полноќ. Изборите се повторуваат откако по гласањето на 9 февруари ниту една политичка опција не успеа да обезбеди парламентарно мнозинство. Иако Движењето Самоопределување, предводено од премиерот Аљбин Курти, освои најмногу гласови, не беше формирана нова влада.
Во изборната трка за 120 пратенички места 100 за албанските партии, 10 резервирани за српската заедница и уште 10 за другите малцинства – учествуваат 1.180 кандидати од 24 политички субјекти. Меѓу нив има 18 партии, три коалиции, две граѓански иницијативи и еден независен кандидат. Право на глас имаат 2.076.290 регистрирани избирачи. Од нив, 1.999.205 ќе гласаат на избирачки места во Косово, додека 77.085 граѓани се регистрирани за гласање по пошта од дијаспората. Гласањето ќе се одвива во 948 гласачки центри со вкупно 2.614 гласачки места. За редовно гласање се отворени 910 центри со 2.557 избирачки места, додека во сите општини ќе има и по еден центар за условно гласање за граѓаните кои не можат да гласаат на своето редовно избирачко место.
На изборите учествува и владејачкото Самоопределување во коалиција со GUXO, Алтернатива и Албанската демохристијанска партија. Меѓу поголемите албански партии се и Демократскиот сојуз на Косово, Демократската партија на Косово, Алијансата за иднината на Косово, НИСМА и „Бали Комбетар“. Српската заедница ја претставуваат Српска листа, „За слобода, правда и опстанок“ и Косовската алијанса, додека од другите малцинства учествуваат партии на Турците, Бошњаците, Ромите, Египќаните и Ашкалите. Покрај нив, на изборите настапуваат и неколку коалиции со мешан етнички состав, како и граѓански иницијативи и еден независен кандидат.

