Skip to main content
Македонија

Утре или во понеделник ќе бидат соопштени мерките што ќе ги преземе Владата за високите цени на основните прехранбени производи

06/02/2025  13:49

Утре или во понеделник Министерството за економија ќе соопшти какви мерки ќе преземе Владата во однос на поскапувањата на основните прехранбени производи поради кои граѓаните организираат бојкот на поголемите ланци маркети.

Како што соопшти денеска министерот за економија Бесар Дурмиши, во понеделник ќе се одржи и средба со претставници на синдикатите, Организацијата на потрошувачите, Државниот завод за статистика, министерствата за финансии и за земјоделство, како и со претставници на сите останати релевантни институции околу новата методологија за пресметување на потрошувачката кошница.

-Легитимно е да има бојкот на маркетите, го разбирам организирањето на вакви активности зашто одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни приходи на грбот на граѓаните. Ова нема да го прифатиме и да го толерираме. Ќе ве известиме како ќе постапиме понатаму, подготвени сме да ги преземеме сите мерки што ни се на располагање за да ги спречиме овие незгодни ситуации, рече Дуримиши на брифинг со новинарите.

Според него, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) до крајот на неделава треба да ги заврши шестмесечните контроли со кои се опфатени дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците.