
Уставниот суд на Бугарија денеска соопшти дека ја потврдил оставката на претседателот на државата, Румен Радев, со што се отвора патот тој и формално да се повлече од функцијата, пренесуваат бугарските медиуми.
Радев поднесе оставка на почетокот на оваа недела, потег кој веднаш ги засили шпекулациите дека по заминувањето од претседателската функција ќе формира своја политичка партија и ќе се вклучи во претстојните парламентарни избори.
До истекот на актуелниот претседателски мандат, кој трае до јануари 2027 година, должноста претседател на Бугарија ќе ја извршува потпретседателката Илијана Јотова, согласно уставните одредби.
Инаку, Радев минатата недела објави дека Бугарија ќе оди на предвремени парламентарни избори, откако водечките политички партии не успеаја да обезбедат парламентарно мнозинство и го отфрлија мандатот за формирање нова влада.

