Skip to main content
Македонија

Уставниот суд ја отвора битката за пензиите: Дали се дискриминираат пензионерите во странство?

25/02/2026  09:22

Поради зголемениот интерес во јавноста, Уставниот суд информираше дека на денешната петта седница ќе се разгледуваат одредби поврзани со т.н. линеарно зголемување на пензиите, од кое се исклучени пензионерите кои живеат надвор од Република Северна Македонија.

Пред Судот се поднесени вкупно пет иницијативи со кои се оспоруваат законските измени, а подносителите тврдат дека со ваквото решение се создава дискриминација меѓу пензионерите врз основа на местото каде ја примаат пензијата.

Иницијативата со број 65/2025, поднесена од Игорчо Точев од Скопје, наведува дека ограничувањето на исплатата на зголемувањето од 2.500 денари само за пензионерите кои ја примаат пензијата во државата претставува нееднаквост. Според него, пензијата е право стекнато врз основа на работен стаж и придонеси, а не според географската локација на живеење.

Слични наводи се содржани и во иницијативата 88/2025, поднесена од Љубомир Сандевски, кој живее во Словенија. Тој тврди дека измените предизвикуваат трајно финансиско оштетување на осигурениците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, бидејќи пензионерите во странство би биле исклучени од идните усогласувања на пензиите, вклучително и она од март 2025 година.

Темелко Ристески од Скопје, подносител на иницијативата 95/2025, смета дека оспорените одредби се спротивни на повеќе уставни начела, меѓу кои еднаквоста на граѓаните пред законите и владеењето на правото. Според него, на овој начин индиректно се ограничува и слободата на движење на околу 12.000 пензионери, бидејќи се создава нееднаква положба меѓу лица со ист пензионерски статус.

Во иницијативата 111/2025, Кире Батев, кој живее во Германија, наведува дека целиот работен век го поминал во Македонија и редовно плаќал придонеси, но поради живеење во странство е исклучен од линеарното усогласување на пензијата, што, според него, претставува дискриминација.

Петтата иницијатива е поднесена од Народниот правобранител на Република Северна Македонија, по повеќе претставки од граѓани кои живеат надвор од државата. Во неа се наведува дека засегнатите пензионери укажуваат на нееднаква положба, бидејќи се изземени од исплатата на предвидените покачувања на пензиите иако го имаат истото право на пензија како и корисниците кои живеат во земјата.

Уставниот суд треба да оцени дали спорните законски одредби се во согласност со Уставот и дали постои дискриминација врз основа на местото на живеење на пензионерите. Одлуката на Судот се очекува да има значајно влијание врз илјадници пензионери кои пензијата ја примаат надвор од државата.