
Уставниот суд денеска одлучи да не поведе постапка за уставноста на Деталниот урбанистички план (ДУП) за градска четврт C3 16, кој Општина Ѓорче Петров го донесе на 15 февруари 2024 на вонредна седница, а кој градоначалничката на Скопје Данела Арсовска го оспори како неуставен.
Со планот се предвидува изградба една 21-катница, една 18-катница, четири 16-катници, две 14-катници, шест 11-катници, седум 9-катници, една 6-катница и девет згради на пет ката во централното подрачје на општината.
Зградите ќе се градат на просторот од кружниот тек кај Порта Влае кон гаражите на ЈСП „Скопје“, па се до надвозникот кон населбата Даме Груев, на граница со индустриската зона.
Уставните судии едногласно одлучија дека со планот нема повреда на Законот за локална самоуправа и Законот за урбанистичко планирање.
Во иницијативата која ја поднесе Арсовска се наведува дека завршната одредба од оспорената одлука за донесување на ДУП во која е уредено дека истата стапува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во Службен гласник на Општина Ѓорче Петров, е спротивна на уставниот принцип на владеењето на правото и на одредбите од Законот за локалната самоуправа и Статутот на Општина Ѓорче Петров од причина што Уставот определува објавување на прописот како услов за влегување во сила. Меѓудругото, се наведува дека оспорената одлука не е објавена на веб-страницата на Општината што ја прави формално-правно невалидна и спротивна на Законот за урбанистичко планирање.
Според подносителот на иницијативата, донесениот ДУП поради непочитување на законската постапка и неприфаќањето на мислењата од стручните лица, како и без позитивно мислење од Град Скопје не е во согласност со ГУП на Град Скопје 2012-2022 при што реализација на истиот може да предизвика еколошка и безбедносна закана за жителите на град Скопје.