Skip to main content
Македонија

Уставен суд: Без постапка за нерезидентните пензионери, запрена постапката за измените на Кривичниот законик

25/02/2026  16:49

Уставниот суд денеска не поведе постапка за измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување кои се однесуваат на нерезидентните пензионери. Тие предвидуваат дека зголемувањата на пензиите од 2024 година нема да се исплатуваат на пензионери кои престојуваат надвор од земјата. Иницијативите од пет подносители бараа оценка на уставноста поради наводна дискриминација и повреда на стекнатите права, но мнозинството судии одлучи дека не се исполнети условите за постапка, истакна претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски.

Судијата известител Осман Кадриу, кој бил за поведување постапка, образложи дека овие одредби воведуваат дискриминација меѓу пензионери кои живеат во земјата и оние надвор од неа.

-Неважно е дали пензионерите живеат во нашата држава или во друга, тие правото на пензија треба да го остваруваат вклучувајќи ги сите зголемувања. Со оивие одредби кои се проблематизираат навистина застанавме на стојалиште дека на нашите пензионери надвор од државава им се скратува правото на зголемувањето на пензите и сите усогласувања, нагласи Кадриу, додавајќи дека одредбите се спротивни на уставните принципи за еднаковост, забрана на дискриминација и социјална правда, како и на Европската конвенција за човекови права.

Мнозинството, според Костадиновски, смета дека пензионерите се во иста правна, но различна фактичка состојба, па нема повреда на член 9 од Уставот.

-Ова е социјална, временска мерка за ублажување на инфлацијата и трошоците за живот во земјата, надградба на стечените права, а не нивно задирање, објасни претседателот на Уставниот суд, нагласувајќи дека по истекот на периодот законското усогласување на пензиите повторно ќе важи за сите.

За измените на Кривичниот законик, Костадиновски изрази критичност кон законодавецот кој пропуштил рок поставен од Судот.

-Собранието мора да покаже уставна дисциплина. Или ќе се заложиме за владеење на правото, или ќе глумиме правна држава, предупреди тој.

Судот утврдил усогласување со формалната уставност, но смета дека новото решение е „далеку од идеално“, иако подобро од претходното.

-Во три години имаме четири правни режими. Каква е тоа правна сигурност, праша Костадиновски, додавајќи дека постапката е запрена за да не се создаде правен вакуум и да се овозможи санкционирање на злоупотреби на јавни средства.

Судијата Кадриу потсети дека формалните процедури се почитувани, но материјалниот дел не е целосно усогласен со одлуката на Судот.

Дополнително, Костадиновски додаде дека Судот поништи два правилника на Општина Гостивар, вклучително и оној за сообраќајни знаци, налепници и сигнализација „НМК“.

-Поништувачката одлука значи дека дејствијата се сметаат како да не се случиле, знаците ќе се вратат на претходна состојба или ќе се донесе нов правилник, појасни претседателот, истакнувајќи дека ефектот е за враќање на уставноста.