
Советникот во Град Скопје, Дарко Кирков, алармира дека во скопската Зоолошка градина повторно угинале животни – овој пат две лами, при што тврди дека институцијата го прикрива случајот. Според него, поморот трае со години, а состојбата ја опишува како „вистински хорор“.
„Нашата, Скопската Зоолошка е една хорор приказна изминативе 3,5 години. Ја нареков куќата на стравот со цел некоја ‘умна’ глава да превземе нешто за ова што ѝ се случува на оваа установа“, напиша Кирков на своите социјални мрежи.
Тој потсетува оценува дека откако Данела Арсовска дојде на чело на Скопје и со поставување на нејзините според него непрофесионални кадри за директори, во Скопје ЗОО угинаа повеќе од 40 егзотични животни, дел од нив под сомнителни околности.
Како што вели, последните два случаи на угинати лами се случиле пред четири до пет дена. „За нив неофицијално се раскажува дека подолго време појавувале симптоми на туберкулоза“, посочува Кирков. Тој додава дека и пред само еден месец починале уште две лами, за кои „се знаело, наводно, дека боледуваат од истата болест – туберкулоза“.