Skip to main content
Свет

Урнати згради, згмечени автомобили, нарушени комуникациски врски: земјотрес со јачина од 7,3 степени според Рихтер го погоди Вануату

17/12/2024  07:48

Силен земјотрес со јачина од 7,3 степени според Рихтер го погоди Вануату, при што беа оштетени згради и друга инфраструктура.

Според Геолошкиот институт на Соединетите Американски Држави (USGS), земјотресот се случил во 12:47 часот по локално време на длабочина од 57 километри. Епицентарот на земјотресот бил недалеку од Порт Вила, главниот град на Вануату.

Беше издадено предупредување за цунами за делови од островската држава на Тихиот Океан, но властите во 14:14 часот по локално време соопштија дека заканата поминала. Степенот на штетата останува нејасен, но има непотврдени извештаи за најмалку еден загинат. Ден Мекгари, новинар кој живее во Порт Вила, изјави дека полицијата во Централната болница му потврдила дека едно лице починало.

Објавувајќи на Икс, Мекгари рече дека видел три лица „сериозно повредени“ кои чекаат третман. „Најсилниот земјотрес што сум го видел во последните 20 години“, додаде тој.

Снимките на социјалните мрежи покажуваат урнати згради, згмечени автомобили и мебел расфрлан по катовите на домовите. Жителите известуваат дека се нарушени комуникациските врски. Според фотографиите објавени на интернет, меѓу оштетените згради е и американската амбасада во Порт Вила.

Американските власти објавија дека зградата претрпела „значителна штета“ и дека ќе биде затворена до понатамошно известување.