Skip to main content
Македонија

Уредникот на ТВ 21: „Не потпаѓајте на провокации, Албанците не слават, туку плачат – огнометот е намерно подметнат!“

20/03/2025  11:50

Главниот уредник на ТВ 21, Ерол Шакири, преку својот Фејсбук профил упати апел до јавноста, повикувајќи на разум и меѓуетничка толеранција, откако на социјалните мрежи почнаа да се шират видеа од огномет проследени со тврдења дека истиот е испукан од страна на Албанци, со цел да се создадат поделби во општеството во овие денови на национална жалост.

Во својата објава, Шакири јасно посочува дека овој чин е подметнат, а не дел од некаква прослава, и дека постојат видео-докази каде се гледа како две лица го поставуваат и палат огнометот, по што веднаш си заминуваат со мотор. Тој нагласи дека намерата на ваквите провокации е јасна – создавање раздор меѓу граѓаните.

„Не потпаѓајте на провокации! Огнометот е подметнат, не е забава, не е свадба, туку е ПОДМЕТНАТ, а целта е очигледна. Драги сограѓани, како што порачаа учениците од Тетово, „можеби зборуваме различен јазик, но плачеме исто“. Албанците на овие простори можеби најдобро знаат што е тоа неправда, што е тага, болка, и во овие тешки моменти сме заедно, сме биле и ќе бидеме“, напиша Шакири.

Тој потсети дека Албанците, како и сите други граѓани на земјата, чувствуваат длабока тага за трагедијата што се случи во Кочани. Според него, секој кој би се радувал на ваква несреќа, без разлика на националноста, не може да се нарече човек.

„Ако постои Албанец кој се радува на оваа трагедија, тој не е Албанец, тој не е човек. Како што не е човек ниту тој што за изгорените Албанци во други трагедии велеше ‘ХХ Шиптари помалку’“, додава тој.

Шакири повика Министерството за внатрешни работи веднаш да ги пронајде лицата што го поставиле огнометот, но уште поважно – да открие кој стои зад оваа провокација, бидејќи, како што вели, не верува дека тоа е спонтан чин на поединци.

Тој исто така испрати порака и до медиумите, апелирајќи на одговорно известување, особено во време кога дезинформациите и манипулациите на социјалните мрежи можат да предизвикаат сериозни последици.

„Во ова лудо време на социјални медиуми, каде лажните вести се шират како канцер, каде имаме нација со најголем процент на медиумска неписменост, дајте да бидеме совесни, да го зачуваме и тој малку кредибилитет што ни останал“, нагласи Шакири.

Тој заврши со порака дека народот не смее да потпаѓа на провокации и манипулации, бидејќи општеството може да опстои само ако сите граѓани се заедно во тешките моменти.

„Ако не, тогаш другари, не да го исклучиме светлото, туку да го извадиме штекерот“, напиша тој.