Skip to main content
Свет

УНХЦР: Во светот има 122 милиони насилно раселени лица

12/06/2025  10:04

Бројот на луѓе раселени поради војна, насилство и прогон ширум светот е неодржливо висок, особено во услови кога хуманитарното финансирање исчезнува, а единствената светла точка е зголемувањето на бројот на враќања, особено во Сирија, соопшти денеска УНХЦР, Агенцијата за бегалци при ОН.

Според годишниот Извештај за глобални трендови на УНХЦР објавен денеска, до крајот на април 2025 година имало 122,1 милион присилно раселени луѓе, што е зголемување споредено со 120 милиони во истиот период минатата година. Тоа претставува околу една деценија на континуирано зголемување на бројот на бегалци и други луѓе кои се принудени да ги напуштат своите домови. Главните двигатели на раселувањето остануваат големите конфликти како што се Судан, Мјанмар и Украина, како и постојаната неспособност да се сопре насилството.

Филипо Гранди, Високиот комесар на ОН за бегалци, изјави: „Живееме во време на силна нестабилност во меѓународните односи, при што современото војување создава кревок и мачен пејзаж обележан со акутно човечко страдање. Мора да ги удвоиме напорите за да најдеме мир и долгорочни решенија за бегалците и другите принудени да ги
напуштат своите домови.“

Присилно раселените луѓе вклучуваат лица раселени во рамките на сопствената држава поради конфликти – нивниот број се зголеми за 6,3 милиони, достигнувајќи 73,5 милиони до крајот на 2024 година – како и бегалци кои избегале надвор од своите држави (42,7 милиони
луѓе). Судан сега е најголемата ситуација на присилно раселување во светот со 14,3 милиони бегалци и внатрешно раселени лица, заменувајќи ја Сирија (13,5 милиони), а следни се Авганистан (10,3 милиони) и Украина (8,8 милиони).

Извештајот открива дека, спротивно на често присутното мислење во побогатите региони, 67 проценти од бегалците остануваат во соседните држави, додека државите со ниски и средни приходи прифаќаат 73 проценти од бегалците во светот. Всушност, 60 проценти од луѓето принудени да избегаат никогаш не ја напуштаат сопствената држава.

Иако бројот на присилно раселените лица речиси се удвои во последната деценија, финансирањето за УНХЦР е на речиси истото ниво како во 2015 година, во услови на остри и тековни кратења на хуманитарната помош. Оваа ситуација е неодржлива и ги прави
бегалците и другите луѓе кои бегаат од опасност уште поранливи.

„Дури и покрај овие разорни кратења, сведоци сме на зраци надеж во последните шест месеци,“ додаде Гранди. „Речиси два милиони Сиријци успеаја да се вратат дома по повеќе од деценија во бегство. Државата и натаму е кревка и на луѓето им е потребна нашата помош за повторно да ги изградат своите животи.“

Вкупно 9,8 милиони присилно раселени лица се вратиле дома во 2024 година, вклучувајќи
и 1,6 милиони бегалци (најмногу во последните повеќе од 20 години) и 8,2 милиони внатрешно раселени лица (втор највисок број досега).

Сепак, многу од овие враќања се случија во политички или безбедносно неповолна клима. На пример, голем број Авганистанци беа принудени да се вратат во Авганистан во 2024 година,
пристигнувајќи дома во очајни услови. Во држави како Демократската Република Конго, Мјанмар и Јужен Судан, имаше значителни нови присилни раселувања во исто време кога се враќаа бегалци и внатрешно раселени лица.

Извештајот повикува на континуирано финансирање на програмите на УНХЦР кои спасуваат животи, им помагаат на бегалците и раселените лица што се враќаат дома, и ја зајакнуваат основната инфраструктура и социјалните услуги во заедниците кои ги прифаќаат – како суштинска инвестиција во регионалната и глобалната безбедност.